Во петок во АКСЦ во 20 часот ќе се одржи предавање на C-drík за африканската и азиската експериментална музика низ перспективата на западната хомогенизирана култура од Европа и Северна Америка и проекција на филмот Subcultural Revolution: Shanghai на Zev Asher.
„Денес повеќето развиени западни земји споделуваат повеќе или помалку хомогена култура, која музички доминира преку “уметничката музика” (artistic music) од Европа и Северна Америка, како и англо-американската поп-музика. Но, што е со не-западните земји? Под кои култури се тие под влијание? Дали сѐ уште се во рамките на пост-колонијалниот културен јарем? Дали експерименталната музика, со тоа и noise музиката, е претежно западен тип на музика? Се само дел од прашањата кои ќе бидат поставени на предавањето, кое ќе се обиде да даде и одговор на истите.
Но, за да се даде одговор на овие прашања мора да се вратиме кон крајот на 19 век за да ги откриеме првите западни траги на електричните или електронски експерименти, или поопшто, музиката базирана на бучава (noise), која ќе го започне својот развој кон почетокот на следниот век. За да ја дефинираме оваа музика мора да се спомене и современа уметност во почетокот на 20 век, особено движења, како што се футуризмот (Луиџи Русоло) или дадаизмот (Марсел Дишан), кој по војната понатака ќе се развива преку појавата на musique concrète, електронската музика (Пјер Шефер или Eliane Radigue) и секако Fluxus, движење низ кое некои од пионерите на експерименталната и pre-noise музиката од Азија ги изразуваа своите идеи (Нам Џун Паиук, Јасунао Тоне).
На прв поглед, се чини дека сѐ се случуваше само во западниот свет. Но сепак, во 1944 година, првото парче африканска т.н. “експериментална музика” е снимено во Каиро.“
По предавањето ќе се проектира и филмот Subcultural Revolution: Shanghai на Zev Asher, документарен sound art филм кој претставува визуелно заокружување на модерен Шангај низ очите и вревата на безмилосната млада група Torturing Nurse. Овој легендарен пристанишен град веќе долго време се смета за финансискиот главен град на Кина, но во текот на последната деценија исто така се етаблира како еден од главните меѓународни центри за култура, како традиционална, така и андерграунд. Преку користењето на интернетот и на мрежа на контакти во рамките на сцената на “noise музиката” на светско ниво, Torturing Nurse цврсто се етаблираат како големи играчи во овој најекстремен музички жанр.
C-drík aka Kirdec е роден во Заир, со грчко, белгиско и Конголско потекло, започнува со студии по оркестарски тапани и музичка теорија во 1985 година, а започнува да компонира музика во 1989 година во рамките на проектот Crno Klank. Подоцна студира електро-акустична/акузматична музика на конзерваториумот Монс, Белгија. Во моментов создава различни музички жанрови кои се движат од електро-акустична музика па се до minimal wave, дигитален панк па се до индустриал, дарк амбиент и електроника… Сопственик е на етикетата Syrphe, лејбл посветен на алтернативна и експериментална електронска музика од Африка и Азија. Повеќе информации за артистот може да се најдат на следниот линк.