Предавање, работилница и перформативна театарска тура, изведувана по улиците на Скопје, на уметничкиот проект „Градот како сцена: Пловечки универзитет“ ќе се одржи од 5 до 7 декември, на неколку различни локации.
Тридневниот уметнички проект почнува в четврток (5 декември) во амфитеатарот на Архитектонски факултет во Скопје, каде што ќе се одржи јавно предавање на Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин, членови на „Флоутинг Јуниверзити“ (Пловечки универзитет), на кое ќе се говори за поврзаноста меѓу природата и културата и за просторни експерименти во басенот за задржување дождовница. Предавањето ќе се одржува од 18:00 до 19:30 часот.
Вториот ден (6 декември) ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје / Лабораторија за просторно изведувачки практики, која ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Фолутинг Јуниверсити“, а ќе трае од 16 до 20 часот. Темата ќе биде „Иднината на киното во Железничката зграда“.
„Градот е јавност #1“ е шетачка тура, која ќе се одржи в сабота (7 декември) и ќе трае од 12 до 18 часот. Турата е замислена како театарски перформанс во четири чина и е предводен од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски. Перформативната шетачка тура почнува од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во 12 часот, вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг Јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет, третиот чин почнува во 15 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Турата завршува во Албанскиот народен театар во Скопје. Турата е од отворен карактер и оние што би сакале да се вклучат треба да направат резервација на електронската пошта – organizationfru@gmail.com.
Куратор на овој перформас е Владимир Јанчевски, кураторската поддршка е на Софија Григоријаду, актерка/изведувачка е Мартина Даниловска. Авторскиот и драматуршкиот концепт се на Филип Јовановски, соработници на авторскиот концепт се Ивана Самандова, и Димитар Милев, дел од креативната продукција и координација е и Екатерина Добривојевска.
Вклучени во истражувањето се и Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Крсто Григорaидис, Калина Трајановска, додека дел од креативниот тим соработници се и Марија Аризанковска, Катарина Томиќ и, Бојана Вуковојац.
Продукцијата е на Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“.
„Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамки на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“. Работата се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамки на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во насока на истражување на јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно – театарски проекти (претстави/интервенции) за истите тие простори.
Овој проект следи како надоврзување на работата на „ФРУ“ во објектите и јавните простори како Железничка зграда, Универзална сала, Македонска пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштад „Македонија“ во Скопје.
„Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова“ дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор“, објаснуваат од „ФРУ“.
Проектот е организиран во контекст на проектот „We don’t want to be stars (but parts of constellations)“ заеднички потфат на „Suns and Stars“, Факултет за работи што не се учат –ФРУ, и Музејот Eesti Kaasaegse Kunsti (EKKM) финансиран од Европската унија.
Партнери на проектот „Градот како сцена: изведување на јавниот простор“ се Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ГЕТЕ Институт Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка- Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје, FONTYS Универзитетот за Уметност од Тилбург – катедра за мастер студии Performing public spaces,.
Проектот е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје , Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија, Министерство за Култура и туризам на Република Северна Македонија.
Во неговата реализација поддршка дадоа и Албански Театар Скопје, Национална Опера и Балет и Општина Центар.