Предавање за театар со Ана Стојаноска на 10 декември

Интерактивно предавање на тема театар ќе одржи Ана Стојаноска, професорка по македонска драма и театар на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, на 10 декември, вторник, со почеток во 19 часот главната сала во Друштвото на писателита на Македонија (ДПМ). Предавањето е од отворен тип, a поканети се сите љубители на штиците што живот значат.

„Театарот е најубавата уметност и најспецифичната: живее само во мигот додека се игра претставата. Сите други уметности може да се пре-гледаат, пре-слушаат, пре-читаат уште еднаш… но театарската уметност е уникатна – трае само до оној миг кога се спушта завесата и се гаснат рефлекторите. Затоа за мене театарот е најубавата уметност. Трае како и животот – миговно. Учејќи го театарот, јас учев дека театарот треба да се чува во колективната и интимната меморија, а театарот се чува преку пишување“, истакнува Стојаноска, која е членка на ДПМ.

Затоа, како што вели, одбрала на предавањето да зборува за тоа како се пишува за театар, како се гледа театарска претстава, како се бележи театарска претстава, како се пишува за театарска претстава, што е театарска критика, и најважното – македонските прилики на театарските рецепции овде и сега.