Младински образовен форум (МОФ) организира отворено предавање за студенти „Сите песни за ‘АИ’: Доверба, љубов и сомнеж кон големите јазични модели“ кое ќе се одржи на 26 ноември (вторник) со почеток во 18 часот во „Нетавил“.
„Како корисници, често сме заглавени во сложен ‘љубов/омраза’ однос со вештачката интелигенција – се воодушевуваме на нејзините способности, но секогаш останува сомнежот за точноста на нејзините одговори. Придружете ни се на првото отворено предавање за студенти каде ќе ги истражиме овие дилеми. Ќе разговараме за предизвиците на можната манипулација од страна на ‘АИ’ системите, како и за комплексните етички прашања поврзани со ‘верувањето’ во вештачката интелигенција“, велат од МОФ.
Предавач ќе биде професорот Владимир Трајковиќ, кој, како што наведуваат од МОФ, ќе ги води присутните низ аспектите на довербата, веродостојноста и сложената „врска“ што ја градиме со големите јазични модели.
Овие теми ќе се истражат низ песни. Преку „Money for nothing: That ain’t workin’, that’s the way you do it!“, ќе се објасни како работат големите јазични модели на деца од основно училиште; преку „(I can’t get no) Satisfaction“ ќе се истражи дали големите јазични модели ќе ја задоволат нашата потреба за вистина; низ „Every breath you take“ ќе се види дали големите јазични модели можат да не’ следат и да го контролираат нашиот пристап до одредено знаење, преку „I still haven’t found what I’m looking for“ ќе се истражи дали можат големите јазични модели да ја најдат вистината; додека низ стиховите на „Sweet dreams (are made of this)“ ќе се одговори на прашањето дали довербата во јазичните модели е само илузија.
Сертификати за учество ќе бидат доделени на сите присутни, кои за таа цел треба да го потполнат формуларот.
МОФ го организира настанот со поддршка од проектот „Практикувај демократија“, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер, а финансиран од Британската амбасада во Скопје.