Cо предавањето „Во потрага по убавината на Палестина за време на окупација“ на Раед Саадех, започнува вториот дел од осмото издание на „КРИК – фестивал за критичка култура“, во организација на „Контрапункт“ што годинава се одржува на тема „Заробени во слободата – уметноста и заедницата“.
Предавањето ќе се одржи на 9 септември (сабота) во 20 часот во КСП „Центар – Јадро“.
„За да се заштити континуираното постоење на Палестинците како окупирана нација и нивната политичка иднина, како и да се зачува нивното материјално и нематеријално наследство, особено во позагрозените области, оние кои се блиску до населбите, но и во оддалечените области, од витално значење е да се бараат
карактеристични елементи кои ги формулираат специфичните идентитети на овие потенцијални дестинации со културно наследство, каде туризмот може да се согледа како алатка за издржливост и развој. Ова предавање ќе се обиде да претстави пристап кон одржлива сензибилизација на специфичните културни идентитети на овие локалитети и методологија за селата, градовите и другите заедници, со цел да се формулира стратегија на одржливост и развој“, се вели во описот за настанот.
Раед Саадех е активист и застапник на туризмот во заедницата и зачувувањето на културното наследство во Палестина. Првично обучен како машински инженер дипломирал на Универзитетот Сиракуза, во Њујорк, по што магистрирал на Универзитетот Кејс Вестерн Резерв, во Кливленд. Тој е ко-основач и член на одборот на „Палестинскиот уметнички суд“, член на одборот на Фондацијата за современа уметност „Мамал“, претседател на организацијата „Sunbula“ за фер трговија и развој на ракотворби и ко-основач и поранешен претседател на „Yabous Productions“ за изведувачки уметности. Неговите сегашни напори се фокусирани на развивање на концептот на туристички одбор на Алкудс/Ерусалим, кој е наменет да ги максимизира економските придонеси и придобивки на локалната заедница во Алкудс.
Фестивалот „КРИК“ и оваа година се одвива во неколку кластери низ годината. Тимот на КРИК го формираат Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана, Петар Милат, Станимир Панајотов, Наташа Гелева и Ѓорѓе Јовановиќ.