Предизборна промоција и пред почетокот на кампањата – централните теми како понуда за локалните избори

Теми кои се поврзуваат со централна власт претставени преку билборди, платени реклами на социјалните медиуми и летоци и пред овие локални избори се повторно дел од предизборното мени на партиите. Иако кампањата за локалните избори официјално стартува на крајот на септември, едни партии преку настани веќе промовираа дел од кандидатите, а други гостуваа по телевизии и даваа интервјуа.

Сепак, како што тврдат експертите, и овој пат се користи правниот вакум за предизборна кампања пред нејзиниот официјален почеток, затоа што до 11 септември на полноќ, формално не беше истечен рокот за потврда на кандидатските листи. Оттука, иако јавноста изминатиот период сведочеше за бројни пораки кои циркулираа од партиските субјекти кои стојат зад претендентите за локална власт, според Државната изборна комисија (ДИК) ваквите активности не можат да се сметаат за предизборна кампања.

„Согласно ова, сите настани организирани од страна на разните политички субјекти не можат да се третираат како предвремено отпочната кампања од причина што ниту еден кандидат досега не е потврден“, појаснува Адмир Шабани од ДИК, за Радио МОФ

Дополнително, тој посочува дека според членот 69аизборната кампања за локалните избори почнува на 27 септември, па оттука, доколку некој подносител на листа започне кампања после 11 септември, пред официјалниот почеток, подносителите на листи имаат право да поднесат приговор до ДИК.

Во меѓувреме, извршниот директор на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски исто така се осврнува на член 69 од законот и посочува дека и доколку ДИК ги нема потврдено листите, кандидати не би требало да се промовираат, додавајќи дека се искористува тој правен вакум и се протнуваат кампањски активности.

Централните теми повторно во фокус на локалните избори

Во однос на тоа дека се рекламираат други теми различни од пропишаното, односно претставување на кандидатите и програмите за локалните избори, според Трошановски, дефиницијата на политичка кампања е прилично тесна во изборниот законик.

„И како таква може да биде злоупотребена во кампањски активности и тоа се случува веќе. Никој не ги промовира програмите нормално, меѓутоа различни други цели, особено политики во домен на централната власт кои што влегуваат, наголемо циркулираат по медиумите“, посочува тој.

Партиите се веќе започнати со кампањата и ова не претставува преседан кој се случува сега, всушност секои избори, партиите на некој начин не можат да додржат и да го дочекаат законскиот рок, објаснува Трошановски.

„Се споделуваат летоци, имаа партиски митинзи, средби со граѓани каде што се промовираат идните мерки, интервјуа на телевизија и слично. Така да, дефинитивно почетокот се случува“, вели тој.

Промовирањето централни теми, според него, од една страна се случува поради тоа што централните политики имаат многу поголем потенцијал за мобилизација на гласачи, теми како идентитетот, националната економија и слично, односно мобилизираат емоционален одговор кај гласачите и затоа, како што додава, често се употребуваат.

„Втората причина е што многу малку се случува во доменот на локалната власт и политика. Таа е огромен дел зависна финансиски од Владата. Сè уште суштински онаа децентрализација не е случена, особено во делот на финансирање, и во отсуство на инфраструктурни проекти, комунални, културни, какви сакате, се прибегнува барем кон теми кои што им се познати на гласачите, или барем за кои имаат емотивен или рационален став“, објаснува Трошановски.

Првиот круг од локалните избори е закажан за 17 октомври, додека вториот круг е предвидено да се одржи на 31 октомври. За локалните избори се поднесени 297 кандидатури за градоначалници и 546 листи за советници.

Мартин Колоски