Инвестициите за изградба и реконструкција на училишта и студентски домови и дел од македонските универзитети се меѓу најголемите губитници во сферата на образованието од предложениот Ребаланс на Буџетот, кој викендов беше усвоен на вонредна седница на Владата на Република Македонија.
Вкупниот Буџет на Министерството за образование, според предложениот Ребаланс, е намален за една милијарда денари од првично предвидениот – од 25,2 на 24,2 милијарди денари.
Најголемите кратења, од околу 300 милиони денари, се предвидени во ставките за високо образование и инвестиции во образованието. Скоро 110 милиони денари помалку има за ученички стандард, додека по 70-тина милиони денари се кратат од основното и средното образование и од средствата предвидени за наука. 60 милиони денари помалку има и за администрацијата.
Истовремено Ребалансот предвидува зголемување на буџетот за 50 милиони денари кај студентскиот стандард и дополнителни 13 милиони денари за институционалната надградба за интеграција во Европската Унија.
Кога ставките од Ребалансот ќе се погледнат подетално, може да се види дека во високото образование најмногу средства се кратат кај Универзитетот „Мајка Тереза“, за кој се предвидени 108 милиони денари помалку, а кај Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се кратат скоро 90 милиони денари. 40 милиони денари помалку на располагање ќе имаат Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот за информатички технологии во Охрид. Најголемиот дел од кратењата кај сите универзитети се во ставките за капитални расходи.
Повеќе буџетски средства се предвидени за Државниот универзитет во Тетово (5 милиони денари) и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (7,5 милиони денари).
130 милиони денари помалку се предвидени за изградбата на факултетите за информатички науки и физичка култура кои се градат во кампусот на УКИМ. Додека дуплирани се парите предвидени за преведување и печатење на стручна литература, од 60 на 122 милиони денари.
Кај инвестициите во образованието најмногу се крати на изградба и реконструкција на студентски домови. За нив со првичниот Буџет за 2018 година беа предвидени 270 милиони, а со Ребалансот нешто помалку од 100 милиони денари. Преку 80 милиони денари помалку се предвидени за изградба на основни училишта, а скоро 40 милиони денари помалку за изградба на средни училишта. Околу 30 милиони денари помалку ќе има за изградба на спортски сали во основните училишта, а 20 милиони денари помалку се предвидени за реконструкција на ученички домови.
Буџетската ставка за наука, како и во минатогодишниот Ребаланс, повторно претрпе негативна корекција и тоа од скоро 70 милиони денари. Се крати на научноистражувачката работа, како и на преводите на книги од реномирани автори.
Бирото за развој на образованието со Ребалансот е предвидено да добие 18 милиони денари помалку. Додека за администрацијата ќе има околу 3 милиони денари повеќе, се крати на развојот и подготовка на наставните програми, вкупно 15 милиони денари, од кои повеќе од половината се одземени од ставката „професионален развој на воспитно образовниот кадар во основното и средното образование“.
Намалувања се предвидени и во Буџетот наменет за Агенцијата за млади и спорт. Нешто над 50 милиони денари. Скоро целиот износ е скратен од капиталните расходи на ставката „спортски објекти“.
Според Министерот за финансии, Драган Тевдовски, главните измени во Предлог Ребалансот на Буџетот се намалувањето на капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, обезбедување финансиска поддршка на општините за отплата на дел од долговите и дополнителни средства за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
За да стапи на сила, предложениот Ребаланс на Буџетот за 2018 година ќе треба да биде изгласан од македонското Собрание.