„Веган 365 кујна“ во соработка со Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“, денес (27 април) организираат предвелигденска донаторска забава.
„Да помогнеме на оние на кои најмногу им треба пред празниците!“, повикуваат организаторите.
Надвор на платото пред „Веган365Кујна“ ќе биде иницијативата „Храна, не оружје“. Ќе се дели чај и сендвичи со веганска салама донирана од Salve Natura – Македонија, мајонезот од сончоглед на #Веган365Кујна, зелена салата и лепче.
„Внатре: Со секој купен сендвич/десерт/пијачка донирате за лекување и сместување на бездомните животинки од Скопје“, соопштуваат организаторите.
Почетокот на настанот е во 12 часот, а ќе трае до 18 часот.
Инаку, движењето „Храна, а не оружје“ (Food Not Bombs) e почнато во осумдесеттите години во САД (во 1997 г. во Скопје) како реакција против несовесното фрлање целосно употреблива храна – последица од разузданиот консумеризам. Денес „Храна, не оружје“ е глобално движење и во 2020 година ќе ја прослави 40-ата година откако различни групи на политички активисти го започнуваат овој бунт против капитализмот и сите негови инструменти.
„Сиромаштијата е форма на насилство чијашто цел е максимизирање на профитот од страна на неколкумина моќници. ‘Храна, не оружје’, зашто храната е право, а не привилегија!“, велат од иницијативата.