Прегреан кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во болничка соба е причината за пожарот во тетовската ковид болница каде загинаа 14 лица, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).
Оттаму објаснуваат дека вештачењето утврдило и дека прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
„По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период“, се додава во соопштението.
Дополнително тие објаснуваат и дека кон ова придонело тоа што во поткровниот простор на објектот не постоеле прегради меѓу модулите, односно просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.
Ваквото вештачење е само еден од досега обезбедените докази, додаваат од ЈОРСМ.
„Се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија. Едновремено, обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот“, велат тие.
По прибирање на сите вербални и материјални докази и по нивно разгледување и анализа, од ЈОРСМ соопштија дека ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.
Пожарот во болницата кој избувна на 8 септември нешто по 21 часот, го принудија министерот за здравство Венко Филипче да понуди оставка до премиерот Зоран Заев, за која се уште нема одлука. Премиерот во неколку наврати изјави дека ќе донесе одлука откако ќе заврши истрагата.
Истиот ден оставка најавија и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.