Уметничко-просторната инсталација „Прегрнати лузни“ на уметницата Мартина Спасовска претставува проект што го истражува концептот на лузните како симболи на човечките искуства. Таа ќе биде поставена во Мобилната/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности која е лоцирана во Пракот на франкофонијата. Отворањето е на 3 септември од 20 часот.
„Инсталацијата вклучува висечки скулптури од палатно кои се обработени на начин што им придава изглед на различни видови лузни. Преку оваа визуелна интервенција, Спасовска ги истражува како физичките така и емоционалните рани прифатени како дел од нашата животна приказна. Секоја лузна на платното носи со себе уникатна приказна – било да се работи за суетни флеки или изразени белези, кои симболизираат различни аспекти на нашите искуства и животни моменти. Спасовска преку својата работа не само што ја истражува уметноста на лузните како физички белези, туку и ја поттикнува публиката да размислува за начинот на кој тие лузни, било да се видливи или невидливи, играат клучна улога во обликувањето на нашите животи и идентитет“, се вели во описот за изложбата.
Мартина Спасовска (1997) е млада визуелена уметница. Дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности – насока сликарство во 2023. Нејзината уметничка практика е мултидисциплинарна, се фокусира на истражување на различни емоционални човечки состојби користејќи го човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Има учествувано на неколку групни изложби во Македонија, Англија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција. Првата самостојна изложба ја реализираше во 2023 година во Младински Културен Центар во Скопје.