Автобускиот јавен превоз во Тетово привремено е прекинат и тој нема да бидат во функција додека не се провери целосниот систем и работењето на претходните раководни структури, велат од Општина Тетово.
„Поради хаосот, работење без придонеси на вработените и поради тоа што фирмата работи не регистрирана, додека вработените во фирмата ЈП „Тетово транспорт“ се наведени како вработени во општината, како и поради многубројни неправилности привремено ќе биде во прекин јавниот превоз. Ова одлука доаѓа за да не се оштети уште повеќе џебот на граѓанинот и за неконтролираните трошоци во ова претпријатие. Ваквата состојба ќе трае се додека не заврши конечното скенирање на состојбите создадени во ова претпријатие од претходните раководни структури“, соопштуваат од Општината.
Од Општината истовремено информираат дека нов в.д. директор на ова јавно претпријатие ќе биде Рафиз Мејдија.
Автобусите на „Тетово транспорт“ беа промовирани од претходната градоначалничка, Теута Арифи, во јануари годинава. Сепак, градскиот превоз во градот започна да функционира дури во август.
Се работеше за инвестиција од 720 илјади евра. Пет автобуси требаа да сообраќаат на три градски линии низ градот. Сепак, во пракса, поради несоодветната инфраструктура и густиот сообраќај, често се случуваше автобусите да заглавуваат во некои од тетовските улици и целиот јавен превоз да биде нефункционален за корисниците.