Отсега граѓаните ќе можат да пријават прекршување на работничките права преку својот мобилен телефон. Преку мобилната апликација „Мои работнички права“ граѓаните ќе можат да пријавуваат прекршоци за себе, за друго лице или анонимно.
Паралелно промовирање на новата алатка денеска Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Државниот инспекторат за труд (ДИТ) потпишаа Меморандум за соработка со цел да се зголеми ефикасноста и соработката во заштитата и унапредувањето на работничките права.
„Со својата посветеност и стручен ангажман насочен кон намалување на последиците од здравствената криза врз животот и здравјето на работниците и граѓаните, ССМ докажа дека е важен дел од социјалното партнерство. Нашето стручно, модерно и брзо делување и обезбедување на ефикасна онлајн достапност за потребите на членството и во услови на Ковид криза, обезбеди сигурен пристап до трудовите и егзистенцијалните права на сите работници и граѓани, без исклучок и дискриминација. Во време на глобална криза, која не го одминува и нашето општество, уште повеќе сме посветени да ја исполниме основната дејност и обврска за која постоиме, заштита на работничките права. Свесни сме дека во услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19, дел од работодавачите и работниците се најдоа во тешка ситуација, за што од особено значење е преку отворената соработката и поддршката со социјалните партнери да им помогнеме да се надминат ваквите состојби, согласно нашите надлежности“, нагласи претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Според директорката на ДИТ, Јована Тренчевска, мобилната апликација ќе биде дополнителна помошна алатка на граѓаните да пријавуваат повреда на некое нивно право од работен однос или здравје и безбедност при работа.
Преку неа граѓаните ќе можат на брз и едноставен начин да добијат директна информација за своите права, и можност за пријавување случаи кога се прекршуваат законите.
Апликацијата е креирана од ССМ во соработка со ДИТ, а е поддржана од Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Европска Унија.
„Меѓународната организација на трудот ги поддржува активностите во насока на целосно почитување на работничките права и доследна примена на меѓународните стандарди на трудот. Заложбите на МОТ се иднина во која ќе постои универзална гаранција за трудот, односно работни места на кои се почитуваат на фундаменталните права при работа, безбедноста и здравјето при работа, се добива плата од која може пристојно да се живее и е ограничен максималниот број на работни часови. Се надевам дека оваа соработка помеѓу ДИТ и ССМ и користењето на новиот канал за пријавување на кршењето на работничките права ќе придонесат за зголемена доверба на работниците и почитување на нивните права“, истакна националниот координатор на МОТ во Северна Македонија, Емил Крстановски.
Новата мобилна апликација: ССМ – Мои работнички права, ќе им овозможи на граѓаните преку својот мобилен телефон да пријават до ССМ прекршување на работничките права, за себе, за друг и анонимно. Мобилната апликација е достапна за Android и iOS и може да се преземе на следните линкови Google Play Store и App Store.