Повеќе од 200 медицински научни списанија од целиот свет објавија уреднички коментар во кој ги повикуваат лидерите да преземат итна акција против климатските промени и со тоа да го заштитат здравјето.
Британскиот медицински журнал соопшти дека ова е прв пат толку многу списанија да се здружат во еден заеднички став, што ја покажува сериозноста на ситуацијата.
Коментарот, кој претходно беше објавен пред Генералното собрание на Обединетите Нации и Коп26 климатскиот самит во Глазгов наведува дека уредниците на медицинските списанија низ целиот свет повикуваат на итна акција за намалување на порастот на глобалните температури под 1,5 степени, спречување на уништувањето на природата и заштита на здравјето.
„Здравјето веќе сега е оштетено поради порастот на температурите и уништувањето на природниот свет, состојба на која здравствените работници предупредуваа со децении. Науката е недвосмислена – порастот на температурите од 1,5 степени во споредба со пред-индустриските времиња и континуираната загуба на биодиверзитетот носи ризик од катастрофални штети врз здравјето за кои ќе биде невозможно да се избегнат“, стои во заедничкиот уреднички коментар.
„И покрај неопходната преокупација на светот со Ковид-19, ние не можеме да чекаме пандемијата да помине за итно да ги намалиме емисиите на стакленички гасови. Со оглед на сериозноста на моментот овој коментар се појавува во медицинските списанија низ целиот свет“, се додава во текстот.
Уредничкиот коментар се појави во најпознатите медицински научни списанија во Британија, САД, Кина, Индија, Австралија и многу други.
„Здравствените професионалци беа во првите редови на кризата со Ковид-19 и тие се обединети во предупредувањата дека пораст преку 1,5 степени целзиусови и понатамошно уништување на природата ќе донесе следна, многу посмртоносна криза. Побогатите нации мораат да дејствуваат побрзо и да ги поддржат оние држави кои веќе имаат проблеми поради високите температури. 2021 година мора да биде година на промена на светскиот курс – нашето здравје зависи од тоа“, вели доктор Фиона Годли, главната уредничка на Британскиот медицински журнал, и уште еден од коавторите на коментарот велат.