По двомесечна работа, група програмери, графички дизајнери и правници, волонтерски изработија апликација со цел да овозможат анонимно пријавување на прекршувањата на работничките права.
Горјан Јовановски, креаторот на МојВоздух, објаснува дека анонимните пријави на сајтот се складираат во база, а потоа се препраќаат до надлежните институции.
Сајтот нуди можност и за статистички преглед на поднесени пријави, инфографици, но и контакт информации од сите надлежни инспекторати.
„Со сајтот се надеваме дека ќе го олесниме процесот на поднесување пријави, ќе ги мотивираме работниците да го направат тоа, и ќе ја подигнеме свеста за колкав навистина број на пријави се случува. Секој работник има загарантирани законски права, кои мора да се почитуваат!“, објави Јовановски преку Фејсбук.
Идејата за овој систем на онлајн пријавување произлезе од потресните сведоштва на текстилните работници, меѓу кои и дека во фабрики се држат заклучени однадвор.
„Апликацијата служи и како агрегатор на вести поврзани со зајакнувањето на информираноста помеѓу работниците, и овозможува лесно достапни информации за постапувањата на институциите“, стои на сајтот.
Во досегашната статистика, пишува дека во 2019 година имало 13 анонимни пријави, 55 опфатени компании со правна постапка и 2 утврдени прекршувања.