Од Националниот парк „Галичица“ информираат дека преку фотозамка, сликан е рис на територијата на националниот парк.
Од „Галичица“ потенцираат дека по педесетина години пауза, рисот за првпат бил повторно забележан на територијата на паркот во 2020 година, а оттогаш, ова е осма фотозамка на која се забележува видот кој е заштитен, но и загрозен.
Оттаму додаваат дека поттикнати од присуството на рисот, ЈУНПГ заедно со Македонското еколошко друштво (МЕД), во 2021 и 2022 година спровеле мониторинг за утврдување на бројност на популациите на срната и дивата коза во паркот, бидејќи се видови што претставуваат храна на балканскиот рис.
„Во периодот кој следи, ќе бидат поставени дополнителни камери, со цел полесно утврдување на вкупната бројка на единки на балкански рис и други крупни цицачи. Секако, нема да изостанат ниту мерките за заштита на живеалиштата на балкански рис и директно спречување на криволов во НП „Галичица“, велат од Националниот парк.