На 70-тина метри од крајбрежјето на Охридското Езеро и центарот на Охрид се наоѓа студентскиот дом „Никола Карев“. Речиси преку целата година, од септември до јуни тој е дом за бројни студенти. Ама преку лето, од јуни до август е сместувачки капацитет за туристи кои доаѓаат од земјава и странство.
Шпицот на сезоната, како и претходните години бил од 26 јули до 4 август, кога низ градот се бара кревет повеќе. Во тој период пак, капацитетите на домот кој има 220 легла се исполниле 95%, вели директорот на домот Жарко Куциноски за Радио МОФ.
„Оваа година сме многу задоволни од исполнетоста на студентскиот дом од страна на комерцијалното работење“, вели Куциноски.
Во домот кој има 84 соби, Куциноски објаснува дека се сместуваат лица од 7 до 77 години, односно дека таму доаѓаат и фамилијарни луѓе, и луѓе во поодмината возраст бидејќи, како што вели тој, цените што ги нудат, ги нема никаде во Охрид.
За време на музичките фестивали како „Охрид Колинг“ кои најчесто беа закажани пред празникот Илинден, во домот претежно биле сместени помлади лица, забележува директорот.
Меѓутоа, освен домашни, таму се сместуваат и туристи од странство. Како пример за тоа, Куциноски ги посочи гостите од Полска кои биле сместени во домот минатата година, посочувајќи дека во тој период немало туристи од никаде.
„Започнавме со Полска, еве оваа година ни се и кајакарите кои ќе учествуваат на Илинденската регата овде во Охрид, имаме исто од Грција, Кипар гости и така се надополнуваме со други гости од надвор. Меѓутоа има и индивидуалци, моментално имаме и Срби тука, кои слушнале, виделе на нашата страна кои се цените и дошле тука“, објаснува тој.
Според Куциновски, туристите треба да го посетат домот поради цените и близината на центарот на градот, но, како што посочува и поради обезбеденото паркинг место и ресторанот кој е во склоп на домот.
Ноќевањето во домот чини 450 денари, додека заедно со доручек цената изнесува 650 денари. Истовремено, домот нуди и полу и полн пансион кои чини 810, односно 960 денари.
„Ги поканувам сите оние кои не биле во Охрид, кои не престојувале во студентскиот дом, да дојдат да престојуваат. Мислам дека веќе од наредната година студентските домови ќе се реновираат, еден од нив ќе биде и нашиот студентскиот дом ‘Никола Карев’. Проектите се во завршна фаза, мислам дека после нова година некаде ќе се отпочне со реновирање, така да и овој студентски дом малку ќе личи на сместувачки капацитет од повисок ранг“, вели Куциноски.
Најдобрата реклама за услугите кои ги нуди домот според него се „од уста на уста“, односно, впечатоците кои ги пренесуваат луѓето што престојувале тука.
„Меѓутоа ние имаме и своја веб-страница на која што се рекламираме, имаме и Фејсбук страница. Лани исто бевме рекламирани на ‘Пазар3’, каде што се рекламиравме како студентски дом“, додава Куциноски.
Сепак, освен преку ‘Пазар3’, веб и Фејсбук страницата, „Никола Карев“ не може да се најде во понудите на туристичките агенции или поголемите веб-страници за сместување како ‘Букинг’.
„Ние сме државна институција каде што не можеме да го дадеме оној процент кој го бараат туристичките агенции, односно порталите, ‘Букинг’ или некои други, не можеме да им ги исплатимие тие средства 7%, кои што некои агенции ги бараат“, вели Куциновски.
Средствата од комерцијалното работење на домот преку лето, како што вели Куциновски се добредојдени за плаќање на режиските трошоци како електричната енергија, водоводот, комуналните услуги, за исплата на плати за вработените и ако останат некои дополнителни средства во касата на домот за негово одржување. Сепак, поради кризата со коронавирусот, моментално Владата ги покрива трошоците за исплата на плати за вработените.
Летната сезона во домот завршува на крајот на овој месец, а потоа почнуваат и подготовките за добредојде на старо-новите студенти, кои треба да се вселат на 15 септември. Во тој период, како што вели Куциновски ќе се дезинфицира објектот, заменува тоа што е оштетено и молерисуваат собите.
Мартин Колоски