Преку LoGeS, првиот софтвер за е-услуги на локално ниво, се дигитализираат услугите за жителите на 18 општини

Жителите и компаниите во 18 општини добиваат пристап до дел од општинските услуги по дигитален пат преку имплементација на LoGeS – првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата.

Дигитализираните услуги стануваат достапни за над 254.000 граѓани во 11 општини во Источниот плански регион, пет општини во Вардарскиот плански регион, како и во општините Радовиш и Конче. Оваа активност претставува позитивен пример за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните преку проекти за меѓуопштинска соработка чии носители беа општините Велес, Штип и Радовиш.

„Преку овој иновативен модел на меѓуопштинска соработка поставивме пример за останатите општини и најважно од сè обезбедивме двонасочна комуникација и ја доближивме општината до граѓаните“, рече градоначалникот на Велес, Марко Колев.

„Преку новата платформа, граѓаните и компаниите, освен што ќе можат електронски да генерираат барања за дваесет општински услуги, да плаќаат електронски за предвидените административни такси и другите надоместоци, ќе можат и да го следат статусот на предметот и да бидат информирани кога нивните барања ќе бидат завршени или пак да приложат дополнителни документи доколку во постапката нешто недостасува“, објасни градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Фото: УНДП МК

Активноста се реализира во рамки на проектот „Пост-КОВИД: Општините како двигатели на одржливиот развој“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство и со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој.

„Оваа дигитална алатка нуди можности за иновативен развој, кој ќе обезбеди многу придобивки за општините и нивните граѓани. Ќе го олесни пристапот до услугите, ќе ја зголеми ефикасноста и ќе резултира со заштеда на трошоци. Горди сме што успеавме да ја развиеме оваа услуга во соработка со општините и уверен сум дека ќе направи вистинска разлика во локалните заедниците во овие 18 општини“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

„Преку проектот сакавме да ги поттикнеме општините, но и регионите да размислуваат како можат заеднички да работат во насока на подобрување на условите за живот на своите граѓани. Дигитализацијата е еден од начините преку кој се нудат подобри услови за живеење и токму преку овој проект направивме огромен чекор напред во овој процес. Верувам дека наскоро сите општини ќе го усвојат моделот кој денес го промовираме и сите услуги кои ги нудат ќе станат електронски достапни за граѓаните“, изјави Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.

Платформата LoGeS обезбедува нов и високо технолошки пристап при кој една „поголема“ општина обезбедува ИТ услуги за другите „помали“ локални самоуправи во делот на администрирање и одржување на оваа дигитална алатка. Со оглед на сè помалиот број на достапни ИТ специјалисти, како и ограничените финансиски ресурси кои ги имаат општините, градењето партнерства во форма на меѓуопштинска соработка е совршено решение за предизвикот наречен „дигитална трансформација“. Особено е важно да се нагласи дека платформата LoGeS обезбедува ист број и ист квалитет на е-услуги за граѓаните на сите општини без разлика на нивната големина, со што се почитува принципoт на еднакви можности за сите граѓани.