Денеска учениците од „Ѓоце Стојчевски“ организираа мултиетнички спортски настан, а учениците од „Здравко Цветковски“ ги поканија своите родители, професори, претставници од град Скопје и Бирото за развој на образование и медиуми на отворена дебата од областа на мултикултурализмот насловена како „Што научивме едни од други“.
„Дебатата беше успешна, со одговорите на учениците добивме многу вредни пораки, па во иднина сигурно ќе биде подобро и оваа дебата ќе се одрази позитивно на нас“, изјави Саранда Јусуф, ученичка во четврта година во училиштето Здравко Цветковски“, и самата учесник на дебатата.
И нејзината соученичка Моника Димитрова , беше задоволна од настанот.
„Јас лично сум задоволна од тоа како помина денешната дебата, мислам дека доволно се споделија искуствата и се надевам дека вака ќе продолжи и понатаму.“ истакна таа.
Дебатите се дел од низата акции на Женската Граѓанска Иницијатива Антико и здружението Мултикултура, а во рамките на проектот „Преку младински активизам кон соживот на различностите во заедницата“. Главна цел на проектот е зголемување на улогата и активизмот на младите во промовирањето и практикувањето на вредностите на мултикултурализмот и соживотот во заедницата. Со овој проект беа предвидени активности за две генерални групи на млади луѓе: студентите и средношколците.
Делот од активностите за средношколците кои се опфатени со проектот, насловени како јавни акции, се активности кои претставуваат плод на идејата и креативноста на самите средношколци. Овие акции започнаа да се спроведуваат во септември и во нивната реализација беа вклучени учениците од четири мултиетнички училишта, ДСУ СУГС „Арсени Јовков“ и СГГУ „Здравко Цветковски“ од Скопје, СОТУ „Ѓоце Стојчески“ и ОСЕУ „8 Септември“ од Тетово.
Со овие јавни акции, средношколците ја пренесуваат својата порака за промоција и практикување на вредностите на мултикултурализмот.
Проектот „Преку младински активизам кон соживот на различностите во заедницата“ е финансиран од Европска Унија во рамките на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР). Проектот е во реализација на Женска граѓанска иицијатива Антико и здружението Мултикултура.