Преку онлајн петиција се бара читалницата во „Браќа Миладиновци“ да работи нонстоп во пресрет на испитната сесија

1.700 луѓе се потпишани на онлајн петиција со која се бара продолжување на работните часови на читалницата во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, односно таа да работи нонстоп, во пресрет на испитната сесија.

„Колоквиумската и испитната сесија многу наскоро ни се ближи. Студентите се претежно вратени во Скопје, и често условите во нивниот дом не им го дозволуваат потребниот мир и амбиент за учење. Дополнително, по 8 јануари 2025 година, читалната ќе работи само до 22:00 часот, што дополнително ги ограничува можностите за студентите кои учат во доцните часови. Сакаме сите студенти да имаат можност да учат во читалната без ограничување на времето“, пишува во описот на петицијата.

За новинската агенција Мета, директорката на библиотеката Снежана Стојчевска изјавила дека стандардното 24-часовно работно време ќе се врати „после празниците“, односно на 20 јануари.

Слични вакви петиции имаше и во јануари лани, но и во 2022 година, а по онлајн петициите и во двата случаи, библиотеката го продолжуваше работното време.