Единаесет млади научници како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“, успешно спроведоа 11 научно истражувачки проекти. Станува збор за проекти кои се занимаваат со истражување на биолошката разновидност, но и проекти од областа на заштита на животната средина и кревање на јавната свест.
Младите научници, во присуство на своите колеги и дел од менторите, вчера на настанот во просториите на Македонското еколошко друштво (МЕД) ги презентираа извештаите од своите реализирани проекти.
Како што информираат од МЕД, во текот на 2022 и 2023 година, преку Програмата беа реализирани два истражувања.
Д-р Драган Арсовски, раководителот на Програмата, истакна дека е горд што младите еколози успешно ги реализираа своите грантови.
„И покрај тоа што во текот на целата година, има толку многу активности кои се потребни за да се реализираат сите овие грантови, на крајот кога младите грантисти ќе ги презентираат своите извештаи, сум екстремно горд за успешно завршената работа. Мислам дека енергијата која ја инвестирам во поддршка за реализирање на грантовите, навистина вреди и допринесува за научната работа во Македонија“, вели Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.
Дел од оние кои реализираа мали грантови, во следните две години добија шанса да реализираат и среден грант.
Воедно, од МЕД велат дека на настанот присутни беа и новите грантисти од Програмата, кои во идните две, односно една година ќе ги реализираат своите грантови.
„Македонското еколошко друштво отсекогаш било место на собирање на младите научни умови од екологијата, и активно работи на екуцирање на младите. Преку Мрежата за искуствено учење стотици ученици имаат можност да учат за природните науки, преку експерименти кои сами ги спроведуваат, секако под менторство на спроведувачите на работилниците. Тимот на МЕД е горд што во македонското општество постои голем потенцијал за научно истражувачка дејност“, соопштуваат од МЕД.