Преку Фејсбук страницата на премиерот Димитар Ковачевски за реклами поврзани со „социјални прашања, избори или политика“ биле потрошени 23.899 евра во рок од 90 дена, односно во периодот од 21 ноември 2022 до 18 февруари годинава, покажуваат јавно достапните податоци на социјалната мрежа Фејсбук.
Со дисклејмерот „Димитар Ковачевски“ за рекламите на неговата Фејсбук страница биле потрошени 16.585 евра за 138 реклами, додека преку дисклејмерот „СДСМ“ биле издвоени 7.314 евра за 74 реклами.
Во овој период преку неговата страница биле започнати вкупно 212 реклами на Фејсбук и Инстаграм, а за нив било плаќано преку дисклејмер на „Димитар Ковачевски“ и владејачката партија „СДСМ“.
Овие дисклејмери всушност покажуваат кој платил за овие реклами, односно кога огласувачот ја категоризира својата реклама дека е поврзана со социјални прашања, избори или политика, од него се бара да се открие кој платил за рекламата.
Преку страницата на премиерот целокупно се потрошени 34.520 евра во период од две и пол години, од 4 август 2020 до 25 февруари годинава. Од оваа сума речиси 70% се потрошени само во последните 90 дена, односно 23.899 евра. Неговата Фејсбук страница е создадена на 14 октомври 2020 година, односно само неколку месеци откако платформата Мета започна со мониторинг на средствата за реклами.
Радио МОФ испрати прашања до портпаролите на партијата СДСМ, меѓудругото, во однос на тоа кој плаќа за рекламите кои одат преку Фејсбук страницата на Ковачевски, преку чии средства се исплаќа за рекламите кои одат под двата дисклејмери, колку парии се предвидени за реклами преку страницата, но и која е причината за тоа што рекламите преку страницата се интензивирани.
Дополнително, испративме прашања и до Владата, меѓудругото и дали и колку буџетски средства се издвојуваат за реклами преку страницата на Ковачевски, под кои дисклејмери се објавуваат рекламите, како и дали се издвојуваат буџетски средства за реклами на други платформи преку профилот на Ковачевски.
Меѓутоа, до објавувањето на текстот не добивме одговори ниту од СДСМ, ниту од Владата.
Инаку, преку базите на реклами на Мета може да се истражува, филтрира и да се преземаат податоци за рекламите за социјални прашања, избори и политика. Преку ваквата алатка, можат да се проверат вкупните трошоци, трошењето на одредени огласувачи и податоци за трошење по географска локација. Ваквиот јавно достапен извештаја, од Мета велат дека е дел од напорите да се зголеми транспарентноста во рекламирањето.
Мартин Колоски