Премиерата на дебитантскиот игран филм „Џган“ на режисерот Вардан Тозија ќе биде изведена на 30 март во Градското кино „Милениум“ во Скопје, а потоа ќе продолжи да се прикажува низ кино салите ширум Македонија.
Низа од свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните ѕидови, што им нанел само болка и страдање. Светот во кој за нив, постои само едно, заедничко име – Џган. Ова е приказната на новиот македонски игран филм „Џган“, кој е дебитантски долгометражен филм на режисерот Вардан Тозија.
Македонски продуцент на филмот е „Дрим Фектори“, ко-продуцент на филмот е „Red helicopter films“ од Албанија. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм и „SEE Cinema network“.
Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Во филмот од останатата актерска екипа играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Саша Чиникиќ, Ристо Буразденов и Мартин Живковски.
Поведен од слоганот на филмот дека „Никој не е роден насилен”, Вардан Тозија го изработи и сценариото, дизајнот на шминката и маските ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, музиката ја работеше Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Киријана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов.