Детската претстава „Приказна за фамилијата Мраз“ премиерно ќе биде изведена викендов (23 и 24 декември) во градското кино Милениум.
Главните актери во претставата, Ненад Митевски, Бојан Кирковски и Наташа Петровиќ кој помладата публика ги препознава од своите омилени претстави во нивниот матичен „Театар за деца и младинци”, ќе се обидат на комичен и едукативен начин ја пренесат новогодишната магија кон најмладата публика.
„Претставата говори за магичен свет, во кој постојат дури двајца Дедо Мразовци. Преку ликовите, најмладите ќе се запознаат подобро со ‘проблемите со кои се соочуваат двајцата помошници на Дедо Мраз, Тони и Ѕвони’, како и незгодите и збрките кои ќе ги предизвикаат помошниците на братот на Дедо Мраз, Црни и Токсик чија намера ќе биде ‘да се упропасти Новата Година’“, се вели во најавата.
Претставата ќе има по две изведби во сабота и во недела од 11 и 13 часот. Билети може да се најдат на онлајн на линкот или на билетарницата на киното Милениум по цена од 300 денари.