На 17 март 20 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се случи премиерна проекција на мини-документарниот филм „The Making of Eros“.
Во овој документарен филм се презентира самата креација и сите сегменти од создавањето на албумот „Eros“ на Стефан Петановски.
„Опфатен е целиот процес на создавањето на албумот, сите фази на снимањето се прикажани на најреален и најискрен начин, сѐ со цел да се долови вистинското чувство и енергија низ текот на создавање на ова парче музика“, вели авторот.
Воедно, на настанот ќе се одбележи една година од издавањето на „Eros“, па во Бифето на МКЦ присутните ќе можат да го ислушаат во целост.
Албумот „Eros“ е издаден на 10 март, 2021 година. Се работи за концептуален албум кој содржи 10 композиции.
„Во самите композиции се испреплетени повеќе теми и мелодии кои се повторуваат во различни форми и текстури низ текот на целиот албум, со цел да се задржи главниот концепт и темата на албумот. Идејата е всушност истакнување на сѐ што означува живот и креација, основното јадро од каде доаѓа позитивната емоција, единствениот начин да оставиме подобар свет долго после нас, со еден збор ‘Eros’“, се вели во најавата.
„Eros“ немаше да биде тоа без овој тим: Ана Петановска (вокали), Стефан Митев (бас), Дамјана Апостоловски (вокали), Дамир Пух (мастер), Natacha Einat (преден омот), Наско Џорлев (заден омот и омот за физички копии).
На албумот има и повеќе гости меѓу кои John Waugh (саксофон) и Eric Gillette (гитара) кои се истакнати имиња од светската музичка сцена, како и имиња од нашата домашна сцена: Филип Димишковски (пијано), Стефан Алексовски (клавијатури).
Влезот за настанот е слободен, а ќе се одвива според протоколите за заштита од вирусот КОВИД-19.