Во сабота (20-ти ноември) во 21 часот ќе се одржи премиерата на претставата „Жени“ во Интимен театар во Битола. Претставата е во режија на Софија Ристевска Петрушева, а е работена по документарни материјали. Во неа учествуваат Катерина Петровска, Јоланта Дафовска, Јасмина Костандинова и Валентин Дамчевски.
„Интимен Театар ја продолжува својата поредица од документарни претстави, во коишто играат жени што зборуваат за своите животи, а во исто време го користат театарот како алатка за подигање на квалитетот на нивното секојдневно живеење. Нашиот театар овој пат ја отвори својата сцена за три прекрасни жени коишто се поврзани помеѓу себе со две важни теми, и тоа пензионирањето од една, и ракот на дојка од друга страна. Нивната храброст да зборуваат директно и отворено за важни за нив теми и проблеми е фасцинантна, а нивната желба за живот е охрабрувачка и мотивирачка“, најавуваат од Интимен театар.
Оттаму додаваат дека отворање на ваков тип на платформи, што нудат учество и на локалното население во современиот театар, се многу актуелни во Европа во овој момент, затоа што даваат шанса за изразување на мислења и од страна на обичниот граѓанин, можност за отворање на многу важни дискусии на конкретни теми, а од друга страна театарот се користи како полезна алатка за зголемување на квалитетот на живот, на секој што учествува во неговото создавање.
Покрај премиерата, во вторник (23-ти ноември) во 20 часот, ќе има и реприза на претставата.