Краткиот документарен филм „Откриј го столарот во себе“ ќе има своја премиера на Саемот на мебел на штандот на Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи од Скопје.
Саемот се одржува од 29 март до 2 април во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а документарниот филм ќе се емитува на секој час во периодот од 12 до 20 часот.
„Благодарение на соработката со Скопски саем имаме можност да го претставиме документарецот пред поширока публика. Одбравме развлечена премиера која ќе трае пет дена додека трае саемот, за да овозможиме на граѓаните да го погледнат документарецот кога им одговара“, вели Бојан Ранташа координатор на проектот.
Краткиот документарен филм „Откриј го столарот во себе“ е инспиративен филм изработен од филмографот Кирил Шентевски и ја следи приказната на започнувањето на првата група учесници на Столарската едукативна работилница за градење на лични вештини „Откриј го столарот во себе“.
„За снимање на филмот беше потребен период од речиси една година, како би се прикажал целиот процес на изработка на повеќе предмети. Се искористи многу материјал кој инаку би завршил во депонија, а уште поинтересно беше да се забележи како во тој период учесничките преку работата се трансформираа и себе си, надминувајќи многу стравови“, вели Шентевски.
Работилницата користи остатоци од производството на мебел и ги става во финкција на едукација со цел за да се намали потенцијалното создавање на отпад.
Работилницата беше подготвена во рамки на проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од мебел индустријата во Скопје, финансиски поддржан од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд. Дополнително и во соработка и поддршка од компаниите Акрон, Фамод, Про-Дизајн, Биба терк, Инфини дизајн, Монозеро, Бранимир компани, Сканда дизајн, Дрвотекс, Блажич, Југоимпекс, Домо софа и Пасворд продакшн.