Вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи премиера на документарниот филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов. Проекцијата ќе започне во 20 часот во киното Фросина.
„’Време на бетон’ ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната архитектура, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век, на кусата ера на брутализмот. Авторите на документарниот филм се занимаваат со прашањата: Што е она што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност, естетска, архитектонска, практична и зошто тој е со децении предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? ‘Време на бетон’ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени“, се посочува во најавата за премиерата.
Филмот е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски.
Филмот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.