Првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески, „Јанѕа“ ќе биде премиерно прикажан утре (19 април) во 20 часот во градското кино „Милениум“.
Филмот е во сценарио и режија на документаристот Никола Т Калајџиски, а е работен според мотиви од делото „Дневник по многу години“ на Конески.
„’Јанѕа‘ е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници/истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци“, се вели во најавата за утрешната проекција.
Монтажата на филмот е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки. Продукцијата е на „Контраст филм“, а како продуцент се потпишува Златко Димески.
Филмот се остварува сo поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија.