Во среда, 30-ти јуни, од 21 часот ќе се одржи премиерата на кабаре-претставата „Чикашки Перверзии“ од Дејвид Мамет во режија на Сибел Абдиу.
Во неа играат Анастасија Ласовска, Надица Петрова, Харис Салкоски и Бобан Алексоски, а продуцент е Слободан Трајкоски. Претставата е исклучително за гледачи над 18 години, а ќе се одржи во хотел „Парк“ во Скопје, во ресторанскиот простор „Фор“.
Пасија, пороци, фрустрации… сите поттиснати и етикетирани емоции како неприфатени од општеството, експлицитно прикажани во еден генијален текст кој опишува една урбана приказна на двајца мажи и две жени. Инспирирана од вулгарната експлицитност на дискурсот на текстот, го создадовме и целосно сензационалниот концепт на оваа камерна претстава, која не е само претстава во која публиката ќе гледа група на актери пред нив, туку ќе има прилика да искуси неспоредливо искуство; да ги осети во своја кожа тие емоции, да воспостави несвесно емпатија со ликовите кои со сета своја емотивна и физичка голотија ќе ги заживуваат токму тие емоции. Минималната публика поставена во луксузна средина во хотелски ресторан со сепареа и маси каде што актерите најизменично се појавуваат, допринесува да се воспостави таа блискост со ликовите и нивните емотивни падови и подеми. Оваа претстава не е само една класична театарска претстава, туку едно експериментално искуство кое ќе содржи и провокација и емотивен ролеркостер кој ќе и даде на публиката можност да се осети жива“, објаснува режисерот Сибел Абдиу.
Претставата ќе се одигра во затворениот дел на ресторанот „Фор“ согласно одобрениот протокол за настани во затворено, т.е. 30% на посетители и задолжително носење на маски.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.