Крaткометражните дипломски филмови „(Вон)земјанинот Ли“, „Параболик“ и „In absentia“ на студентите од Факултетот за драмски уметности во Скопје во вторник (10 декември) премиерно ќе бидат прикажани во кино „Фросина“.
„(Вон)земјанинот Ли“ е документарен филм по сценарио и режија на Сашко Мицевски, студент на катедрата за Филмска и тв монтажа во класата на професор Димитар Грбевски. Филмот е за Мики Ли Трајчевски, бездомник од Штип кој зборува шест светски јазици, живее и егзистира во светот на Брус Ли и тврди дека редовно комуницира со вонземјани. Директор на фотографија е Наум Доксевски.
„In absentia“ е краток игран филм по сценарио и во режија на Дина Дума, студент на катедрата за Филмска и тв режија, во класата на професор Столе Попов. Во филмот, преку главните ликови се руши перцепцијата на просторот и времето. Ева и Јосеф се двајцата херои во оваа приказна кои поради сплет на околности стануваат жртви на еден поинаков начин на доживување на реалноста која се граничи со лудило. Директор на фотографија е Петар Кочишки, а монтажата е на Сашко Мицевски. Композитор на музиката е Дориан Јованович. Главните улоги ги толкуваат Игор Ангелов, Наташа Петровиќ и Кристина Леловац.
„Параболик“ е кратка играна сторија по сценарио и во режија на Мартин Иванов, студент на катедрата за Филмска и тв монтажа во класата на професор Димитар Грбевски. Краткиот игран филм е за Кокан, банкар кој инвестира во акции. Парите за инвестициите се од локален лихвар кој нема многу трпение. Животот на Кокан ќе биде загрозен откако работите ќе тргнат во погрешна насока. Главните улоги ги толкуваат: Димитрија Доксевски, Наталија Теодосиева, Ивица Димитријевиќ, Игор Димитров, Дина Дума и Сања Арсовска. Директор на фотографија е Наум Доксевски.
Филмовите се работени со поддршка на Филмскиот фонд на Македонија.