Премиера на новата театарска претстава за млади „Чудо“ на 10 февруари

На 10 февруари во Културниот центар „Јадро“ премиерно ќе се одигра новата театарска претстава за млади „Чудо“. Следниот ден е планирано репризно издание, а изведбите започнуваат во 20 часот.

Целта на претставата е да се занимава со актуелни проблеми на младите луѓе од овој геополитички контекст, врзани со род, социјален статус, недостаток на конструктивна поддршка од системот и родителите, како и неможност да се потпрат на никој освен на своите врсници за одредени прашања.

„Младите денес сѐ уште се соочуваат со недостаток на слух од образовниот систем, површно третирање на суштински проблеми, како врсничко насилство и родова и дискриминација по основ на сексуална ориентација. Покрај тоа, не постои формално сексуално образование, како и конзистентна и бесплатна поддршка за проблемите со менталното здравје кои за жал во ова доба се доста присутни, или веројатно поради доволно информации сме посвесни за нив сега од било кога. Една од главните тези е дека сите сме ограничени од сопствените животни искуства и дека начинот на кој бараме и нудиме помош на околината зависи од тоа како ни се формирале тие концепти за време на развојот“, се соопштува во најавата за претставата.

Претстава, како што се додава, има за цел да не’ потсети на фактот дека сме заедница, притоа поставувајќи ги прашањата кои не спречуваат да се поврземе.

Бесплатни влезници може да се резервираат на следниов ЛИНК.

Текстот и режијата на претставата е на Хана Миленковска, со младата актерската екипа Мартина Даниловска, Наум Ѓорѓиески, Ангела Пејковска, Димитар Паскоски и оригинална музика на Ади Имери. Продукција на претставата е на „Koma design studio“.