Премиера на обновената опера „Кармен“ во Националната опера и балет

По седумнаесет години, познатата опера  „Кармен“ од Жорж Бизе, доби нова преработка која ќе биде изведена на 8 и 12 овој месец во Националната опера и балет.
„Кармен“ е првата француска опера изведена на сцената на Македонската Опера која премиерно се играла во 1951 година, а според официјалните податоци на Националната опера и балет, таа е трета најгледана опера од нејзиното формирање до денес, веднаш по „Травијата“ и „Аида“.

Авторскиот тим на новата режија, сценографија и костимографија го потпишуваат: Нина Најденова (Бугарија) – режисер, Елена Иванова (Бугарија) – сценограф, Марија Пупучевска – костимограф и Олга Панго – кореограф.

Диригент е гостинот од Италија, Енрико Довико.

Во улогата на Кармен настапува Ирена Кавкалевска, додека Дон Хозе го играат актерите Иван Момиров (Бугарија) и Зоран Сотиров. Балетскиот ансамбл е составен од Илијана Данаилов, Бојана Христовска, Ангела Богатинова, Мила Ниновска, Мирослав Митрашиновиќ, Агим Бафтии, Кристијан Јангос и Никола Орсо.

Тие ќе бидат придружувани од оркестарот, хорот на Националната опера и балет и детски хор „Пиколо“ под диригентската палка на Весна Димчевска.