Во Музејот на современа уметност (МСУ) утре (сабота, 25 септември) од 19 часот премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Пејзажи на отпорот“ (Landscapes of Resistance) на Марта Попивода и Ана Вујановиќ, како дел од „КРИК 06“.
„Како може еден пејзаж да говори? Тоа е како да се прашува дали тревата, штурците, или барата се само позадина за настаните, или дали всушност учествуваат во нив, со своите сенки, длабочини, звуци, чекајќи да станат раскажувачи?“ вели Ана Вујановиќ, ко-авторка на Пејзажи на отпорот.
Од Фестивалот за критича култура „КРИК“ велат дека се работи за исклучителна филмска нарација, која ги поставува во совршена синергија интимниот, лирски пристап со силните идеолошко-политички светогледи на авторките.
После проекцијата е најавено и присуство на режисерката Марта Попивода, која ќе има разговор со Ивана Хаџиевска.
„Досега филмот освои неколку награди (Cinema du Réel – Library Award; Чонџу меѓународен филмски фестивал – Награда за најдобар филм; Документарен фестивал Солун – награда Златен Александар; Сараевски филмски фестивал – Срцето на Сараево). Особено сме радосни и почестени што со нас ќе биде и режисерката на филмот Марта Попивода, со која после проекцијата на филмот ќе имаме разговор кој ќе го води Ивана Хаџиевска“, соопштуваат од „КРИК“.
Филмот е приказна за Соња (97), една од првите жени што му се придружила на партизанското движење на отпорот во Југославија. Инспирирана од револуционерните книги што ги добивала од еден соученик во средното училиште, таа ѝ се придружила на комунистичката и антифашистичка организација кон крајот на триесеттите години на дваесеттиот век и во 1941 година станала партизанка во Србија окупирана од Германците. На крајот била заробена, измачувана и по неколку затвори и други концентрациони логори, била одведена во Аушвиц-Биркенау. Таму станала членка на отпорот и водач на една негова единица.
„Слушајќи ја приказната на Соња, патуваме низ пејзажите на нејзиниот револуционерен живот, онакви какви што се денес – српските шуми и планини каде што се собирале партизаните, како и калта и безборојните оџаци на Аушвиц – кон нејзиниот минијатурен белградски стан каде што таа живее со својот сопруг и мачка“, се вели во најавата.
Од „КРИК“ посочуваат дека преку десет години, режисерката Марта Попивода и внуката на Соња и ко-авторка на филмот, Ана Вујановиќ, ги снимале своите разговори со Соња. Она што почнува како величење на отпорот на една жена и нејзините другари, постепено се претвора во кинематографски антифашистички манифест, онака како што авторките сé повеќе се соочуваат со подемот на фашизмот во денешна Европа.