Премиера на пет документарни и играни филмови на млади автори во Кинотека

Во продукција на Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ – Даста Академија, утре (17 февруари) година (сабота), со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија премиерно ќе се прикажат три документарни и два играни краткометражни филмови на неколку млади македонски автори.

Документарците „Башески – мојот татко“ на Ирма Башеска-Ристовска (33 минути), „Да се биде Максут“ на Нихал Бејадинова (21 мин.), „Боројевиќ“ на Мите Спасовски (18 мин.), како и кратките играни „13 мај“ на Ирма Башеска-Ристовска (12 мин.) и „Услов“ на Даниел Шикоски (18 мин.) се дебитантски филмови создадени од мастер-клас програмите на професорот Владимир Блажевски, со соработник на сценарио на игран филм Дејан Дуковски на Филмската школа на Даста Академија.

Студиската програма на Филмската школа на Даста Академија се реализираше во учебната 2016/2017 година во форма на мастер-клас работилници и ги вклучи учесниците во програмата како рамноправни партнери во наставниот, уметничкиот, творечкиот и истражувачкиот процес. Идејата беше да ги оспособи младите самостојно да го препознае фундаментот на европската филмска авторска практика, да го запознае со нови технологии и творечки пристапи, но и да му посочи за значењето на оригиналниот уметнички израз.