Премиера на претставата „12“ посветена на Мирко Попов во среда во МНТ

Првата изведба на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз, ќе се случи на 20 ноември (среда) на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) со почеток во 20 часот.

Во претставата играат Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (судија).

„Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности. Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8“, се вели во најавата за претставата.

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ Колектив“.

„Претставата е наменета за возрасна категорија 16+. Таа е посветена на прерано починатиот, наш соработник и пред сѐ голем пријател, Мирко Попов“, информираат од МНТ.