Премиера на претставата „Арсеник и стара тантела“ на 20 декември во Театар Комедија

Театар Комедија ќе има премиера на претставата „Арсеник и стара тантела“ од Џозеф Кеселринг, а во режија на Лидија Дедовиќ, на 20 декември во големата сала.

Како што информираат оттаму, претставата зборува за изопаченоста и современото безумие, за прикривањето злосторства, за емпатијата како изговор за криминал и за љубовта.

Во „Арсеник и стара тантела“ играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Столе Мицов, Григор Јовановски, Тони Денковски, Жаклина Петровска, Илија Илиоски иВиктор Арсов.

„Навидум е сè нормално и општествено прифатливо во животот на сестрите Аби и Марта Брустер. Тие живеат заедно со нивниот возрасен внук Теди. Средината ги почитува и им е наклонета, заради нивната милосрдност и добродушност кон соседите. Освен тоа, тие се религиозни и богоугодни, и се радуваат на новиот свештеник во заедницата, особено затоа што неговата ќерка има романтичен однос со другиот внук, театарскиот критичар Мортимер. Но, оваа идилична слика, всушност има мрачна опачина. Сестрите Брустер имаат бизарно хоби – труење осамени луѓе (претежно мажи), Теди страда од делузија на идентитет и верува дека е претседателот Теодор Рузвелт, а добро чуваната тајна во семејството на лудаци се открива со појавата на третиот внук, Џонатан, за кого се знае многу малку до неговото враќање во домот. Овој комплекс од ликови и нивното заемно дејство, впрочем, формираат „театар во театар“ и тоа на неколку нивоа: преку идентитетската криза на Брустерови, преку класичната драмска постапка на препознавање и кулминира со метатеатралната сцена во која Мортимер ја исмева претставата што ја гледал, притоа антиципирајќи го тоа што ќе му се случи следно– речиси идентичен исход како на несреќниот лик од претставата“, велат од театарот за претставата.

Инаку, „Арсеник и стара тантела“ првично била предвидена како сериозна пиеса, инспирирана од вистински настани, но потоа била преработена во фарсична црна комедија со макабристички елементи. Уште од првата изведба на Бродвеј во 1941 година станала хит, постигнувајќи неверојатен успех кај критиката и публиката, за што зборува податокот за одиграни 1.444 изведби.

Пиесата добила и филмска адаптација во 1944 година, со Кери Грант во главната улога, инаку втората најголема филмска ѕвезда на сите времиња (по Хемфри Богарт) според Американскиот филмски институт.

Карти за претставата може да најдете ТУКА.