Режисерката Аница Бебиќ најави премиера на нејзината нова претстава „Фамилијарна посета во 03:14:07 – 7 минути порано“ на 24 и 25 јули. Почетокот е најавен во 20:30 часот, во Аеробик салата во Спортски центар „Борис Трајковски“.
Текстот е работен по мотиви на „Мајка и дете“ од Јон Фосе, во адаптација на Аница Бебиќ, која во претставата се јавува и како режисер и актер. Заедно со неа, на сцена ќе настапат и актерите Захарија Ангелеска и Филип Трајаноски. Кореографијата е на Маја Крстеска, онлајн реализацијата е на Илија Жоговски и Бранко Блажевски, кој воедно е и аудиовизуелен техничар. Плакатот и брошурите се во изработка на Марија Стојанова.
„Што би направиле кога би сакале времето да се врати назад? .. Мајка напушта дете и кога веќе е пораснато момче повторно се среќаваат… во него се гледа себеси од младоста, кога и таа имала конфликт со мајката. Преку судир на 3 генерации во 2 различни епохи прашањата за феминизмот, религијата, родителско – детскиот однос, абортусот, успешните и неуспешните обиди за самоубиство, но пред се осаменоста што ја чувствуваме кога сме со најблиските полека испливуваат на површина“, стои во описот за премиерата.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Р. Северна Македонија.
Во согласност со мерките за КОВИД -19, гледачите на изведбите во живо се задолжени да носат маски и да ги дезинфицираат рацете пред влез во салата.