Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар (МНТ), на 25 јануари со почеток во 20 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
„Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено ‘Злосторство и казна’ (1994) и ‘Лаж и паралаж’ (1996)“, информираат од МНТ.
Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, велат оттаму, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ.
„Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави, се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ“, велат од театарот.
Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите за истата се веќе распродадени.