Премиера на претставата „Секогаш Последни“

„Секогаш Последни“ е нова претстава на „Скоро Театар“ која премиерно се одигра во понеделник (18 ноември) во Домот за култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, Скопје.

„Во оваа претстава, Виктор и Жарко се играат себе си, како актери кои одат до Прага да прават пост апокалиптична, дистописка претстава. Прага ко Прага, полна со пиво и забави, малку  ги заведува овие порочни актери и ги носи во една сосема поинаква насока, па од егзистенцијална драма претставата се претвора во комедија. Актерите се враќаат назад со празни раце, на празна сцена, со потрошен хонорар, а закажана премиера. Сѐ што им останува сега е да излезат на 18 ноември пред полна сала, и да пополнат саат време претстава, како знаат и умеат. Виктор и Жарко ќе  го играат напишаниот текст од првично планираната дистописката претстава, но ќе вклучат и интеракција со публика, технологија и вештачка интелигенција, сигурно ќе одиграат и некој стенд-ап, и се друго што им текнало или ќе им текне, а публиката може да дојдете и да се смее со нив, или да им се смее на нив“, се вели во најавата.

Претставата е реализирана преку резиденцијална мобилност поддржана од Гете Институт и Министерство за култура и туризам. Истата е инспирирана од пристапот на работа чешкиот театролог Иван Вискочил.

Играат, режираат и креираат: Виктор Бужаров и Жарко Јовановиќ. Креативен советник е Натали Спасова. Дизајнот на постерот и морална поддршка даде Елена Клековска.

Билетите можат да се набават на веб-страницата на „Златен Даб“, поддржувач на претставата или на следниот линк.