Театар Златен Елец ја најави премиерата на претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, која ќе се случи во сабота (24 јули) во Младински културен центар Скопје. Еден ден претходно ќе се игра претпремиера на истата претстава.
„Претставата е огледало на малиот човек со сите негови стравови и инстинкти, болки, но и желба за живот во едно. Специјалист во тоа да ја провоцира и шокира публиката, Ханох Левин ни презентира безмислостна дисекција на основните вредности на нацијата и државата. Оваа црна комедија, преку различни скечови и апсурдни ситуации раскажува за парадоксот на денешното постоење. Ликовите исправени на работ на екзистенција, свесно ги исмејуваат животните неправди и системскиот апсурд, и со достоинство се противставуваат на болката причинета од соочувањето со светот. Како резултат од хаосот низ светот со неговите капиталистички вредности и консуматорство, ликовите ја губат генералната смисла и се оставаат на задоволството од малите работи што ‘живот значат’. Затоа и нашата претстава е панк-рок кабаре кое се бунтува против статус-квото на апсурдните случувања околу нас и со песна му се насмевнува на животот“, стои во најавата за претставата.
Режисерка е Ана Батева, а актери се Надица Петрова, Бобан Алексоски, Димитрина Мицкоска, Григор Јовановски, Миа Кантарџиева, Давид Илиќ. Музиката е на Стефан Здравески, а дизајнот на Христо Христов.
Ова е петта премиера на театарот „Златен Елец“ кој постои една година. Претставата е соработка со СПАМ Студиос од Бугарија и е финансирана од министерството за култура на РСМ.