Во сабота (6 ноември), во Дом на Млади – Штип, ќе се одржи премиерната изведба на театарската претстава „Самоубиство во самоодбрана“, работена според истоимениот драмски текст на Марјан Анѓеловски, а во режија на Александар Јовановски и Марјан Анѓеловски.
„Самоубиство во самоодбрана“ е драма која зборува за животот, човештвото, љубовта и стравовите. Основната линија на дејствието се одвива на железничката станица каде што Веселин го чека возот под кој сака да се фрли. Тука, навидум случајно, се сретнува со самопрогласениот поет Горјан, и транс-жената Ева. Оваа линија е испреплетена со сеќавања од неговото минато од кои ја дознаваме причината за неговото доаѓање до оваа крајна станица. Картите се отвораат, маските паѓаат, вистината излегува на виделина…
Сценографијата на претставата е дело на Ристе Мицевски. А улогите ги играат актери од ансамблот на Алтернативен Театар „Отпишани“ – Скопје: Петра Ивановска – во улога на Александра, Марјан Анѓеловски – во улога на Веселин, Јасмин Рамани – во улога на Горјан и Огнен Велевски – во улога на Ева.
„Напишана мајсторски, навидум лесно и лежерно, но всушност, драмата „Самоубиство во самоодбрана“ е повеќеслојна и под површината крие силни пораки и критики, и кон општеството и кон поединецот, како негова основна единка. Токму ваквата критика предадена преку хуморот, иронијата и пародијата, му е потребна на човекот кој е оптоварен со секојдневните проблеми што ги носи современото живеење“, вели за претставата писателката Снежана Стојчевска.
Претставата е поддржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на драмската дејност за 2021 година.
Организаторите посочуваат дека настанот ќе биде организиран согласно сите протоколи за заштита од Ковид-19.