Вечерва, со почеток од 20 часот во Музејот на холокаустот на евреите од Македонија, премиерно ќе се прикаже претставата „Солун, град на духови“. Претставата е во режија на Слободан Унковски, а текстот е од Русомир Богдановски, инспирирано од истоимената книга на Марк Мазовер.
Драмската екипа е составена од Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников, Владимир Петровиќ, а музиката е авторско дело на Златко Ориѓански.
Хрониката „Солун, град на духови, христијани, муслимани и евреи 1430 –1950“ од светски познатиот историчар и професор Марк Мазовер, е објективна хроника на животот и случувањата во текот на пет века. Опфаќа период од турското освојување на Солун во 1430 година па се до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски евреи во логорот Аушвиц.
Претставата е направена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и на Музејот на холокаустот на евреите од Македонија.
„Солун, град на духови“ е првиот дел од трилогијата која ќе ги опфати и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“ во 2015 година и „Скопје – Скопје“ во 2016 година.
Репризата ќе биде во сабота, а билетите се достапни на влезот на Музејот на холокауст на евреите од Македонија.