Следната среда (14.05) со почеток во 20:00 часот во Салон 1919 ќе се одржи премиера на претставата „Свадбата со дијаманти“.
Господинот Профитковски, кој бескрупулозно цели кон моќ и пари, сака да се ожени со политичарката Богаташовска, која колку што е убава и амбициозна, толку е и глупава и арогантна. Госпоѓа Паметњаковска, неговата поранешна сопруга, која е итра, но и жедна за одмазда, е полудена од бес. Две сосема корумпирани и непријателски настроени новинарки постојано се врткаат на местото на настанот.
Истото го прават и две полицајки, кои немаат ниту грам мозок, а камоли морал. Во целиот хаос се вмешуваат и двете ќерки на Паметњаковска и Профитковски. Помалата, постојано насочувана од одмаздољубивата мајка, е на добар пат да ги изгуби сите вредности и да се соедини со расипаното општество. Постарата, за среќа, умее да ги осуди интригите на мајка ѝ, но ќе успее ли да ги спречи?
Приказната почнува во една полициска станица. Новинарките, кои жестоко се расправаат, по кратко време ќе бидат ослободени. Профитковски и Богаташовска за тоа време се подготвуваат за свадбата. И додека Профитковски на својата идна сопруга ѝ подарува ѓердан со дијаманти, ја праќа секретарката на роденденот на помалата ќерка за таа да ѝ го однесе одвратниот подарок и да го покани неговото поранешно семејство на свадбата, само неколку часа пред нејзиниот почеток. Ова понижување, секако, воопшто нема да ѝ се допадне на Паметњаковска… Таа веќе кова ѓаволски план! Свадбата почнува – се редат неверојатни настани: неочекуван гостин, кражба, убиство…
Комплетно расипано опшество претставено во комедија, која, во суштина, е трагикомедија. Проследете ја!