Италијанско-белгиската трилер драма „Смената“ во режија на Алесандро Тонда од денеска во терминот од 15 часот се прикажува во киното „Милениум“ во Скопје и Кинотеката на Северна Македонија. Со својот дебитантски филм, фокусиран на терористички напад во Брисел, режисерот се справува со едно горливо актуелно прашање.
„Брисел. Еден и Абдел, две 17-годишни момчиња, упаѓаат во нивното училиште за да извршат самоубиствен терористички напад, но Абдел се разнесува пред предвиденото време, повредувајќи го Еден во експлозијата. Изабел и Адамо, двајца болничари пристигнуваат на местото на настанот и го наоѓаат Еден повреден и онесвестен. Го внесуваат во амбулантното возило, не знаејќи дека тој е еден од терористите. На пат кон болница, тие сфаќаат дека Еден носи појас со експлозив, но веќе е доцна: Еден одеднаш се буди! И покрај повредите, младиот човек ги држ како заложници заканувајќи им се дека ќе ја активира бомбата и му наредува на Адамо да продолжи да вози“, стои во најавата за филмот.
Станува збор за италијанско-белгиска копродукција помеѓу Ноториус Пикчрз и Тарантула. Дистрибутер на филмот е КТ Филм и Медиа од Битола, а дистрибуцијата е поддржана од Италијанската национална асоцијација на аудиовизуелни индустрии – АНИКА.