На 12 декември (вторник) премиерно ќе се изведе претставата „Младоста последна умира“ во новиот простор „Лабораториум“.
„Дали и колку е возможно независниот уметник да се вклопи во веќе поставената и општо прифатена норма за тоа што еден млад човек треба да постигне пред да наполни 30 години? ‘Младоста последна умира’ во продукција на Пресврт е документарен проект, архива на разговори со актери која подлабоко ја истражува социо-политичката, економска и културна положба на младите луѓе од Република Северна Македонија, кои се близу да наполнат 30 години. Како некоја бројка која означува почеток на нова декада истовремено оваа возраст означува исполнување на одредени очекувања во доменот на работата, личниот и фамилијарниот живот, како и осамостајувањето“, пишува во најавата за претставата.
Проектот, како што посочуваат организаторите, зборува за нашето секојдневие, за борбата да се преживее младоста во Македониja или надвор од неа.
„Стоејќи на прагот, да ја преминеме границата на дефиницијата ‘млади’, ова е извештај за преживеаното и наученото. Ги отвораме прашањата на кои често и немаме одговор. Ова е претстава за нашиот систем на вредности, за културата што никогаш не ја сведочиме и за уметноста што можеби никогаш нема да ја направиме“, додаваат оттаму.
Актерската екипа е составена од Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Никола Ристески. Драматург на претставата е Ева Камчевска, а продуцент Петар Антевски.
Билетите, по цена од 400 денари се достапни во Лаб Кафе (Лабораториум), а резервации можете да се направат преку телефонскиот број 072/905-555 или во порака на профилот на Инстаграм lab.ratorium.
Втората изведба на претставата е закажана за 13 декември со почеток во 20 часот.