Дуодрамата „Кенди“, базирана врз романот на Лук Дејвис – „Кенди: роман за љубов и зависност“ е новата претстава на „Златен Елец“, а зборува за опијатната зависност кај младите.
Претставата премиерно ќе се одржи на 23 октомври, а следната изведба е закажана за на 24 октомври.
Претставата која истовремено е базирана и врз авторски текстови и материјали од ХОПС, ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 20 часот.
Од театарското здружение „Златен Елец“ истакнуваат дека „Кенди“ е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите.
„Приказ на едно ‘современо’ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Најзначен фактор кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги се токму родителите, кои, во многу случаи последни се соочуваат со проблемот. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги“, посочуваат од „Златен Елец“.
Претставата е во режија на Тамара Стојаноска, која исто така го адаптирала и драмскиот текст. Главните улоги во претставата ги играат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ. Музиката е на Лука Тошев, а како вокал и изведувач на укулеле се јавува Поповиќ.
Проектот е во соработка со ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, здружение на граѓани што од 1997 година првпат ги воведе програмите за размена на опрема за инјектирање во Северна Македонија, со цел превенција на ХИВ, Хепатитис и други крвно и сексулано преносливи инфекции помеѓу корисници/чки на дроги и нивните семејства, а три години подоцна, во 2000 година, почна со имплементација на првата програма за поддршка на сексуални работници/ чки во Македонија.