Со емотивни приказни и силни пораки вчера во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар беше премиерно прикажан документарниот филм „Промени го крајот на нечија приказна“ испраќајќи моќен повик за подигнување на свеста за донирање органи во земјава, соопштија од тимот на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“.
Документарецот е продуциран во рамките на проектот финансиран од Европската Унија, кој, како што велат, значително ја зајакна инфраструктурата и протоколите за трансплантација во земјата.
Националната координаторка за трансплантација и донирање органи Билјана Кузмановска нагласи дека „овој филм е повеќе од само приказна – тој е сведоштво за храброста на пациентите, великодушноста на донаторите и посветеноста на медицинските професионалци кои го овозможуваат дарот на животот“.
„Секој ден, илјадници луѓе чекаат втора шанса – шанса да живеат, да напредуваат и да споделат повеќе моменти со своите сакани. Сепак, премногу животи се изгубени поради недостигот на достапни органи. Овој документарец фрла светлина на таа реалност, но носи и надеж. Не’ потсетува дека преку свесност, едукација и акција, можеме да ги промениме животите. Ве повикувам сите да гледате со отворени срца и умови. Дозволете овој филм да инспирира разговори, да поттикне донирање органи и да го зајакне неверојатното влијание на трансплантацијата. Заедно, можеме да направиме разлика, еден по еден живот“, истакна Кузмановска.
Раководителката на Програмата за трансплантација од Министерството за здравство Адријана Георгиев, нагласи дека „ова е филм за тоа како органодонорството ги менува животите на сите нас“.
„Би сакала да се заблагодарам на три млади жени кои беа инспирација за овој филм, но и инспирација за тоа како во животот треба да не’ водат емпатијата, добрината, сочувството и љубовта. Нивната одлука да ги донираат органите од нивната мајка спасија неколку животи, а на сите нас ни покажаа како и најтешките мигови некогаш можат да изродат добрина. Овој филм им е посветен на нив. Посветен е на нивната мајка и на сите останати донори и на нивните семејства кои во моменти на најголема така одлучија да ги донираат органите и да спасат нечиј живот. Филмот е посветен на сите пациенти кои чекаат на листите за трансплантација и на сите оние кои добија орган од починат дарител. На луѓето како Емилија која ни беше инспирација да ја започнеме приказната со трансплантацијата на срце и да не се откажуваме дури и кога се чини декка е најтешко. Таа е една од оние луѓе кои ни покажуваат како е да се сака животот. Благодарност до делегацијата на ЕУ која ја препозна нашата работа и ни помогна не само да го снимиме овој филм туку и да го реализираме целиот проект за Поддршка на системот за трансплантација во земјава. Ова е филм кој ја покажува моќта на трансплантацијата раскажана и преку приказните на оние кои ја работат – лекарите и влијанието кое таа го има врз нив како професионалци“, рече Георгиев.
Документарниот филм е во режија на Христина Ѓорѓиевска и во продукција на „Види Вака” во соработка со Министерството за здравство, а како што посочуваат од тимот, документарецот служи како образовна алатка за отстранување на заблудите за донирањето органи и за охрабрување на граѓаните да размислат да станат донатори.
Документарниот филм најавија дека ќе биде понуден на националните телевизиски станици и другите медиуми заинтересирани да придонесат за оваа витална кауза. Дополнително, посочуваат дека ќе биде пријавен на бројни филмски фестивали како во земјата и низ Европа, за да се прошири свеста за важноста на животоспасувачката медицинска процедура.