Премиерот Никола Груевски во вечерашното обраќање во Владата соопшти дека утре до Собранието ќе ја поднесе својата оставка. Оставката е условена и ќе стане ефективна 100 дена пред избори.
Во своето обраќање Груевски посочи дека се држи до Договорот од Пржино и затоа ќе се повлече од функцијата 100 дена пред изборите, како дел од договорот. Тој го повтори датумот 24 април како ден за парламентарните изборите, кој исто така беше договорен во Пржино.
„Утре изутрина до претседателот на Собранието ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата, која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на изборите. Оваа оставка ја покажува силата на нашето убедување и верба во демократијата“, изјави Груевски.
Денеска пак над 70 граѓански организации, платформи и иницијативи упатија заедничко писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и меѓународните фактори со кое бараат одложување на предвремените избори, до моментот додека не бидат исполнети сите елементи на Договорот од Пржино. Тие во пресрет на утрешната посета на еврокомесарот Хан на Македонија, упатија апел дека во овој момент не се исполнети клучни услови и нема поволна атмосфера за одржување фер, слободни и демократски парламентарни избори.