Премиерот на Судан, Абдала Хамдок, поднесе оставка по нови масовни протести кои беа организирани во главниот град Картум.
Вчера илјадници граѓани маршираа против новиот договор со кој владата треба да ја споделува власта со војската, која организираше пуч во октомври минатата година. Граѓаните излегоа на улиците во повеќе градови повикувајќи ја војската да се тргне од политиката.
Со извици „власт за народот“, демонстрантите побараа враќање на целосна граѓанска власт. Сепак армијата уште еднаш насилно се пресмета со учесниците во протестот, по што две лица загинаа.
Одлуката на Хамдок да поднесе оставка ја остава војската со целосна контрола на власта. Тоа е уште еден удар во намерите на Судан да премине кон демократска власт откако по граѓански бунт беше срушен долгогодишниот авторитарен претседател на земјата, Омар Ал Башир во 2019 година.
Граѓанските и воените лидери направија тежок договор за споделување на власта откако војската организираше пуч на 25 октомври и првично го стави премиерот Хамдок во куќен притвор. По ова следуваше нов договор со кој Хамдок беше вратен на функцијата премиер и требаше да предводи експертска влада до организирање на избори. Сепак не беше јасно колку навистина моќ би имала новата влада, додека демонстрантите изјавуваа дека не веруваат на армијата.
Локалните невладини организации соопштија дека повеќе од 50 луѓе се убиени во демонстрациите кои се организираа по пучот.