Премиерот Заев се вакцинираше против Ковид-19 со вакцината на „Синофарм“

Премиерот Зоран Заев попладнево во спортската сала „А1 арена Борис Трајковски” ја прими првата доза од кинеската вакцина на „Синофарм“ против Ковид-19.

Тој изјави дека ја примил вакцината која што била на располагање кога дошол неговиот ред, согласно националниот план за имунизација.

„Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда и во попладневните часови. Со дозите вакцини кои пристигнаа минатата седмица и со дополнителните количини кои ќе пристигнат во претстојниот период, верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано и тоа ќе ја промени сликата на епидемијата кај нас. Ги охрабрувам сите граѓани на нашата земја, кои досега не го направиле тоа, да се пријават за термин за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk и да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот“, рече премиерот.

Од Министерството за здравство претходно соопштија дека досега вакцина и ревакцина примиле 92.253 граѓани од Северна Македонија и дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вчера вкупно се вакцинирале 9.123 граѓани.